Обезбедениот пласман на двете екипи во осминафиналето беше главната причина да гледаме релаксиран и ефикасен почеток на мечот кој ни понуди убав ракомет за око. Преку кратки напади и без премногу тактизирање во првите 18 минути беа постигнати 20 погодици, односно водство за ПСЖ од 12:8.
Домаќините доминираа и водеа во текот на целиот меч, а по првите 10 минути направија 8:4, предност од четири гола разлика која беше најмногу застапена во првото полувреме. Вардарци на стартот се заканија со пет погодоци преку пет различни ракометари, но направија неколку клучни грешки во моментите кога можеа да ја стопат предноста.
Французите ги искористија сите четири седмерци во првиот дел, за разлика од нашиот тим кој ги пропушти двете можности за пенал. Од 20 до 26 минута избраниците на Гонзалес немаа постигнато гол, но на 2 минути до крајот конечно стигнаа до најтесна -2 разлика. Во последниот напад ПСЖ ги постави конечните 15:12 на паузата.
Воведните 10 минути за Вардар беа ужасни. На самиот старт го реализираа првиот пенал на мечот, но потоа следеше маестрална серија од 7:0 за дрим тимот од Париз која практично беше клучна за триумфот на домаќините.
Шпанскиот стратег свика тајм аут за да ги консолидира редовите по кој следуваа првите голови на Стоилов и Токсиќ, но Парижаните и натаму ја одржуваа високата разлика од 7 до 9 голови, која на седум минути до крајот за прв пат стана двоцифрена 31:21.
Високата негатива за нашиот состав беше недостижна, а домаќините само ја одржуваа и на крајот триумфираа со 35:25, со што му го нанесоа највисокиот пораз Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите.
„Црвено црните“ во нападот мака мачеа најмногу со фантастичниот Аноне кој блесна со 14 одбрани. Во нашиот табор Милиќ имаше 6, а Малумбрес 4 одбрани. Најрасположен беше Караџиќ со 9 постигнати погодоци, а Прибак постигна 5.