Играа Вардарци фуриозно во првиот дел од сезоната, победуваа и на страна, пружија отпор против гигантот Барселона на Лазаров, но во Данска налетаа на нагазна мина. Загубија од Колдинг, екипа која е последна во групата и која во сабота ќе гостува во Скопје.
Црвено-црните имаат императив победа, затоа што после трите порази во серија имаат четири екипи пред себе во групата Б.
„Нè очекува натпревар на кој треба да им се вратиме на победите во ЛШ по трите што несреќни, што заслужени порази. Малку заостануваме на табелата и затоа овие бодови се потребни за да се качиме на повисоко место. Против Колдинг нема да биде лесно од неколку причини. Првата се повредените играчи во нашиот тим, втората е се подобрата форма и партии на Колдинг. Водеа неверојатни 8-1 против Барселона, во Кјелце имаа водство на пет минути пред крајот, играат одлично и затоа треба максимално сериозно да пристапиме за да ја завршиме есента со победа“, изјави капитенот Филип Лазаров на денешниот прес.
Карачиќ, Шишкарев, Брумен и Македа се крајно неизвесни за настап во сабота, а лекарскиот тим до последен момент нема да знае дали Штербик ќе може да брани против Колдинг.
„За нас ова е многу важен натпревар, затоа што мора да освоиме два бода кои ни се потребни за подобар пласман на табелата. Чувствуваме притисок, затоа што Колдинг има одличен и брз контранапад", изјави загрижено Раул Гонзалес кој чувствува дека евентуален четврт лош резултат би можел да ја наруши убавата слика од почетокот на сезоната.
Средбата Вардар - Колдинг се игра во сабота со почеток од 17:30 часот во СЦ Јане Сандански. Влезници за дуелот, како што соопштија од клубот има уште.