Ракометна Лига на шампиони

Утешно трето место за Вардарки на Ф4

Трета година по ред, ракометарките на Вардар го освојуваат третото место на финалниот турнир на најдобрите 4 екипи од континентот. Во Будимпешта: Вардар - Будуќност 30:28.

Најголемиот  ривал на Вардарки, екипа против која во претходните две години губеа во обидот да влезат во финале денес беше противник по мерка за Црвено-црните.
 
Избраничките на Индира Кастратовиќ и без Андреа Лекиќ која воопшто не влегуваше во игра го совладаа црногорскиот шампион и го освоија утешното трето место.
 
За разлика од синоќешниот дебакл против Букурешт кога не знаеа што ги снајде, Вардарки носени на денес расположената Лејно поведоа со 5-1 на стартот, а Французинката имаше четири одбрани во првите пет минути.
 
За да на Будуќност не му се случи вардаровото сценарио од полуфиналето се грижеше Милена Раичевиќ која што даде три гола за пет минути и девојките во сино во 16. минута израмнија на 8:8. Вардар во продолжение имаше гол-два предност, но противникот се враќаше и целосно се врати пред полувремето на кое се замина со 16:14 за Црногорките.
 
Со три гола во серија Вардарки го почнаа вториот дел и водеа 17:16, но Будуќност одново врати и преку Катарина Булатовиќ поведе 20:17, а набрзо и до највисоки 22:18. Во ситуација кога притисокот е далеку помал од оној синоќа, Скопјанки тргнаа на се или ништо, израмнија 22:22 со четири гола во серија и го однесоа мечот во неизвесна завршница.
 
На крајот Хмиров го постигна решавачкиот гол со кој Вардар победи 30-28 и заслужено го освои третото место, кое не беше цел на почетокот на европската одисеја.
 
Пенезиќ (синоќа само 1 гол) беше најефикасна во Вардар со седум голови, Радичевиќ постигна шест, а Лазовиќ четири. Кај Будуќност, Неагу даде осум голови. Амандин Лејно одбрани 14 удари, а Ждериќ од другата страна шест.