Уште една лекција на Металург за четвртфинале

Македонскиот вицешампион го повтори ланскиот успех од ракометната Лига на шампиони и во голем стил влегува во топ 8 фазата. Со фантастична победа од 26:30, тимот од Автокоманда го дотолчи данскиот противник Колдинг кој немаше лек за нашиот тим ниту на реваншот.

Стартот на реванш средбата беше копија на првиот дуел од „Борис Трајковски“ по многу параметри. Во водство, но само со еден гол предност по првите 10 минути беа Данците, но од тој момент резултатот во своја корист го свртеа нашите ракометари кои направија 5:7.

Маестрален во првото полувреме идентично како средбата пред една седмица, беше Ренато Вугринец кој потврди дека на свои 39 години повторно може за 30 минути да постигне 8 гола, и тоа на два меча во низа.

До крајот на првиот дел се играше претежно гол за гол со водство од гол до два гола разлика за Металурзите кои не дозволуваа да загубат резултатски чекор. При резултат 13:13, составот на Червар беше на маки во финишот со четворица ракометари, но голот успеа да го сочува и во двата напади, па дури и да постигне два гола преку Атман кој многу дрско влезе во густата одбрана за 13:15 на полувремето.

Ракометарите на Металург одлично го отворија второто полувреме и по само 8 минути направија водство од 17:20. Колдинг на моменти делуваше индиспонирано и промашуваше зицери, а избраниците на Червар беа немилосрдни и играа како тие да беа поразени на првиот дуел.

Големата мотивација кај тимот од Автокоманда и дисциплината во играта резултираа и со предност од +5 во 52 минута од мечот. Данците на крајот се обидуваа барем да избегнат пораз, но Металург решително одеше на уште еден триумф и мечот го заврши со маестрални 26:30.

Блескава партија имаат Ренато Вугринец со 10 и Павел Атман во 9 голови. Македонија втора година по ред доби четвртфиналист во најквалитетното клупско ракометно натпреварување.

30 март 2014 - 18:23