Актуелниот шампион на Македонија минатиот викенд си го обезбеди пласманот во осминафиналната фаза, а во претпоследното коло го пречекува отпишаниот швајцарскиот противник кој единствениот бод го освои токму во „Борис Трајковски“ кога го изненади тимот од Автокоманда.
„Тун е екипа која уште од почетокот важи за аутсајдер, но иако освои само еден бод, покажа низ многу мечеви дека ги краси тимскиот дух. Играат своја игра, се борат до крај и на секој меч чекаат шанса за да изненадат, како што тоа беше тука против Металург. Токму таа средба треба да не држи трезни, да не се опуштаме, затоа што нема однапред победен меч“, вели капитенот Филип Лазаров
Предводникот на „Црвено црните“најави дека ќе го искористи овој натпревар за експерименти, но без опуштање и без губење на бодови.
„Овој натпревар нема ист притисок како минатонеделниот со Динамо Минск, но тоа не значи дека е незначаен. Се работи за ракометари кои се доста хомогени и компактни како екипа. Иако со Барселона загубија убедливо, 25 минути беа рамноправни. И од нас претрпеа убедлив пораз, но сега очекувам да играат добро затоа што немаат што да загубат“, вели Раул Гонзалес.
Претпоследниот натпревар Вардарци го играа в недела со почеток од 18 часот, а натпреварите во групната фаза ги завршуваат со гостување во ПСЖ по една недела.