Тежок пораз за Металург

Македонскиот вицешампион ги загуби шансите за сензационален пласман во топ 4 фазата од Лигата на шампионите. Кил беше пресилен противник за тимот од Автокоманда и славеше убедливо во „Борис Трајковски“ со 21:31.

Моќта на бундеслигашот, Металург ја почувствува уште во првите 6 минути од натпреварот во кои беше без постигнат погодок и имаше негатива од 3 гола разлика. Нашите ракометари потоа се ослободија од притисокот, Вугринец врати со два гола во низа, а до 10 минута Циндриќ и Манасков помогнаа за прво реми 4:4.

Со брза транзиција и жестоки напади Германците повторно влегоа во одлична серија правејќи водство од 4:8. Во тие моменти на голот почна да функционира Дарко Станиќ кој одбрани седмерец и уште неколку важни удари, а Металурзите тоа го наградија и стигнаа до нов нерешен резултат 8:8.

Составот на Червар не успеа да го одржи ритамот до крајот на првиот дел. Направи неколку грешки во напад, а ракометарите на Кил тоа го казнија и на пауза заминаа со доста солидно водство од 9:14.

Тешко одеа работите на паркетот за Металург и во вториот дел. Гостите играа многу стабилно и цврство, го одржуваа своето водство најчесто во интервал од 4 до 6 голови и ниту во еден момент не влегоа во криза.

Надежта на Металурзите дека може да го стопи водството на противникот беше најголема во 47 минута кога успеаа да стигнат до најмалку -3, благодарение на резервистот Златко Мојсоски кој постигна два гола во низа и одлично го пополни местото на повредениот Георгиевски.

Но тоа практично беше единствениот позитивен момент за тимот од Автокоманда кој немаше сили да му се спротистави на фаворитот на овој дуел. Кил беше немилосрден во завршницата и со недостижни 21:31 си го олесни патот до фајнл форот пред реваншот за една недела.

Дејан Манасков беше најефикасен во таборот на Металург со шест погодоци, Атман постигна четири, а Циндриќ, Вугринец и Мојсоски по три гола.

19 април 2014 - 20:13