Тешко се руши лошата традиција наречена Веспрем

Ракометарите на Вардар не успеаа да го добијат тврдиот противник и со посакувана победа да патуваат на реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Унгарскиот состав со гранитна одбрана и големо искуство го освои Јане Сандански.

Натпреварот почна со многу набој, навивачите во салата Јане Сандански сонуваат за Ф4, но силината на Веспрем, цврстата одбрана, голманските интервенции и поголемиот дел на идеи во нападот беа пресудни за да го добијат мечот со 26:29.
 
По првите два промашени напади на двете страни Горбок го отвори резултатот. Унгарците не успеаа да одговорат, а Вардар направи контра за предност од 2:0 преку Тоскиќ. Но Веспрем реагираше брзо и стигна до израмнување.
 
Дибиров реализираше седмерец за 3:2, но Вардарци наместо да се вратат на +2, промашија два зицери, а гостите повторно го израмнија резултатот и потоа стигнаа и до првото водство во 9 минута од мечот.
 
Натпреварот влезе во период со низа прекини, а Унгарците не го искористија исклучувањето на Брумен, прво на мечот. По 15 минути игра немаше многу голови и резултатот беше 5:5.
 
 
Неизвесноста на мечот продолжи и траеше некаде до 20 минута по што Вардар го загуби ритамот и се соочи со проблеми и во одбраната и во нападот. Веспрем тоа го казни и направи одлична серија за водство од 7:12 на 4 минути до крајот на првиот дел.
 
Лошата серија од 11-12 минути без постигнат гол ја прекина Дејан Манасков со својот прв гол. Шанса за -3 имаше Тоскиќ кој промаши чиста прилика за гол, но тука беше Карачиќ на кој му беа доволни само 5 секунди напад да распали од 10 метри за 9:12 на пауза.
 
Ракометарите на Вардар го затворија првото полувреме со погодок, а преку Горбок го отворија второто за -2. Следуваа минути за Вардар кој запна и стигна до израмнување по 8 минути игра во вториот дел.
 
 
Работите сепак одеа тешко, особено во нашата млака одбрана каде не функционираше ниту Штербик, наспроти цврстата гостинска одбрана која тешко беше да се разбие. На средина од второто полувреме Веспрем ја врати предноста на +5 преку добро изработени акции.
 
Работите на мечот повторно се сменија во наша корист и на 5 минути до крајот Вардар со многу труд и тешкотија се врати на -1, а гостите заработија исклучување. И наместо тоа да биде пресвртница во корист на нашиот тим, Наѓ врза два гола во низа, први на мечот, а по него и Палмарсон за +3.
 
И покрај тоа што најдобриот десен бек во светот немаше свој ден и остана на тие два погодока, улогата играч на натпреварот му припадна на Миомир Илиќ кој беше најдобар стрелец со 9 голови. Кај Вардарци Карачиќ и Дибиров постигнаа по 6, а Арпад Штербик имаше само 6 одбрани, наспроти 14-те на неговиот колега на спротивната страна Мирко Алиловиќ.
 
Реваншот во Унгарија се игра на 30 април.
23 април 2016 - 17:36