Црвено црните во сабота во 17:30 се домаќини на Мотор Запорожје во рамките на 12. коло од Лигата на шампионите. Околностите во кој го пречекуваат украинскиот тим се ужасни.
Прво затоа што се на шеста позиција со 9 бода и само 4 победи, второ затоа што за овој дуел ќе немаат двајца ракометари кои веќе си заминаа и трето што тренираат и играат без да знаат што ќе биде во иднина со Вардар.
Од управата на клубот за сега нема никакви објаснувања и обраќања до јавноста. Најдобриот играч, Даинис Криштопанс вчера беше претставен како нов играч на Фуксе Берлин, а Павел Атман стана член на Спартак Москва.
Капитенот денеска излезе на прес и уште повеќе ги загрижи навивачите.
„Не знаеме што ќе се случи во иднина, ова може ќе биде еден од последните натпревари, не знае никој да каже. Наше е да се помачиме и да го одиграме најдоброто против Мотор. Никој не може да ги обвини играчите што си отидоа. Ние сме актуелен европски првак, а односот кон нас е смешен.
Јас ќе останам сигурно, но многу работи има што не ги знаеме ние, што се важни за иднината на клубот. Треба да се седне и да се разговара. Многу работи висат, да бидеме реални неизвесно е и во македонското првенство за титулата“.
За тоа колку значи џинот во екипата, свесен и самиот Столе.
„Си замина важен играч, да бидеме реални Вардар не е иста екипа со и без него. Треба да излеземе на терен и да видиме каква ни е главата. Ова не е ново со проблемите, веќе долго време се влече,“, изјави Стоилов.
Турбуленции имаше и минатата година токму пред Фајнлфорот во Келн кога сопственикот Сергеј Самсоненко најави заминување по завршување на сезоната поради тоа што не можел повеќе да го издржува клубот.
Потоа со соопштение се обрати почесниот претседател Михајло Михајловски кој најави дека Самсоненко ќе остане како мнозински сопственик, но ќе добие голема помош од домашни компании и бизнисмени кои ќе влезат во Вардар како акционери.
Се спомена дека клубот ќе има годишен буџет од 3 милиони евра и дека една компанија ќе учествувала со инјекција од околу милион евра. Но имињата на компаниите се споменуваа само во чаршија и сите тие ветувања останаа како во магла.
Самсоненко е газда на Вардар од 2014-та, а најголемиот успех му е европската титула во 2017-та, која ја повтори и лани.