Џинот си замина од Вардар, а по него уште двајца ракометари го напуштија бродот

Можеби звучи неочекувано, бидејќи требаше да ја одигра сезоната и на лето да се пресели во ПСЖ, но сепак е официјално. Најдобриот поединец на Вардар предвреме ги смени клупски бои. Финансиската криза си го направи своето.

Во актуелниот шампион на Европа излегоа на површина старо новите проблеми, а тоа е финансирањето на клубот, кој очигледно според најновите вести повторно се држи на стаклени нозе.

Дисингер пред мечот со Кил изјави дека шест месеци не земале плата, а тоа придонесе денеска да прочитаме дека тројца ракометари се збогуваат со Вардар. Даинис Криштопанс, Павел Атман и голманот Калифа Гедбан. За првите двајца веќе има потврда и од нивните нови клубови Фуксе Берлин и Спартак Москва.

Летонецот ќе му се приклучи на Дејан Милосављев

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Welcome to Berlin friend💪👍🏆🦊 @fuechse_berlin @liquimoly_hbl

A post shared by Dejan Milosavljev (@dejanmilosavljev) on

Криштопанс беше една од главните алки на Вардар во освојувањето на европската титула минатата година и неговото отсуство сигурно многу ќе се осети во играта.

„Сакам да му се заблагодарам на Вардар и на сите луѓе во овој клуб за спектакуларното време што го минавме заедно и за многуте освоени титули. Не може секој да се пофали со трофеј од Лигата на шампионите, но едноставно мора од нешто да се живее. Доаѓам во еден од најдобрите клубови во Германија, чиј дрес со гордост ќе го носам. Верувам дека во Фуксе Берлин ќе продолжам да се развивам како ракометар“, изјави Криштопанс по потписот со новиот клуб.

Како што е познато Атман е поранешен играч на Металург кој летоска го засили Вардар, а сезоната ја продолжува на домашно тло.

Алжирецот Гедбан е најавен како нов член на шпанскиот прволигаш Адемар, но останува да видиме дали ќе замине веднаш или по крајот на сезоната, кога европскиот првак го напуштаат Шишкарев кој следната сезона ќе настапува во Веспрем и Дисингер кој изјави дека само чудо може да го задржи на лето во Вардар.

12 февруари 2020 - 15:09