Дуелот меѓу Македонија и Чешка беше веројатно најважната битка и за двете селекции. Ние бркавме победа која ќе не однесеше во следна фаза, а за Чесите ова беше опстанок, бидејќи со пораз ќе си ги пакуваа куферите.
За разлика од минатиот натпревар, избраниците на Данило Брестовац го подигнаа нивото на играта, но само во одбрана и само во првиот дел кој го добија со 11:9. Таа функционираше речиси совршено и агресивно и беше клучен фактор за минималната предност.
Работите во второто полувреме тргна лошо уште на стартот кога Чешка на двата гола на Лазаров одговори со серија од 5+. Исто како и на претходниот меч со Украина, Македонија немаше многу идеи и решенија во напад, а промаши и многу зицери.
Во вторите 30 минути падна и играта во одбрана, а Чесите во последните 10 минути влегоа со водство од 22:18.
И кога изгледаше дека нема враќање назад, нашите репрезентативци запнаа и на 5 минути до крај стигнаа до реми.
Финишот донесе нова неизвесна драма, но нашите немаа сили за пресврт. Чешка на крајот го доби мечот со конечни 27:25.
Најефикасен во нашиот табор беше Лазаров со 11 гола на кој повторно падна целиот товар, Манасков даде 5, а Георгиевски 4.
Македонија во вторник (18:15) мора да оди на победа против Австрија за пласман во следната фаза, но ќе зависи и колку гола разлика би бил триумфот. Математики ќе се прават во трето коло, бидејќи многу е веројатно три селекции да имаат ист број на бодови.