Светско првенство во ракомет 2017

Стартува Мундијалот, пет фаворити за злато, Македонија отвора утре

Од денеска па до 29 јануари ќе уживаме во врвен ракомет кој ќе го играат најдобрите светски селекции меѓу кои е и Македонија. Домаќинот Франција ја брани титулата и вечерва отвора против Бразил.

Нашата селекција под водство на новиот селектор Лино Червар е составена од веќе неколку искусни репрезентативци и повеќе дебитанти. Искусниот стратег постави цел да се мине групната фаза, а потоа да се размислува за следната рунда.

„Црвено-жолтите“ во Франција најверојатно ќе имаат поддршка од навивачите кои живеат и работат во околните земји. На Мундијалот Македонија ќе биде предводена од капитенот Кире Лазаров кој голема поддршка треба да има од повратникот Филип Миркуловски од сјајните Дејан Манасков и Гоце Георгиевски и од Стојанче Стоилов. Червар се реши да не го вика долгогодишниот чувар на мрежата Борко Ристовски а на негово место за место меѓу стативите ќе се борат Никола Митревски, Кирил Колев и Благојче Трајковски.

Составот кој ќе игра под знамето на Македонија на Светското:

Голмани: Никола Митревски, Кирил Колев, Благојче Трајковски.

Крила: Гоце Ојлески, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски

Пикери: Стојанче Стоилов, Никола Маркоски, Жарко Пешевски

Бекови: Филип Талески, Марко Нелоски, Кирил Лазаров, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Стефан Дрогришки, Ристо Арнаудовски, Велко Маркоски, Влатко Митков.

Македонија своите натпревари ќе ги игра во Мец во следните термини:

12.01.2017 - четврток (17:45) Македонија - Тунис
14.01.2017 - сабота (20:45) Ангола - Македонија
16.01.2017 - понеделник (17:45) Македонија - Словенија
18.01.2017 - среда (20:45) Шпанија - Македонија
19.01.2017 - четврток (17:45) Македонија - Исланд

По 15 години на клупата на Франција, минатата година легендарниот  и најтрофејниот светски селектор Клод Онеста реши да се повлече, а на негово место дојде некогашниот најдобар одбранбен ракометар на светот, Дидие Динар кој и онака неколку години по ред ги водеше тајм-аутите од клупата додека Онеста му беше еден вид советник.

Французите го бранат златото освоено во Катар во 2015-та година кога го совладаа залетаниот домаќин со 25-22.

„Триколорите“ и овојпат ќе ги предводи најдобриот светски ракометар Никола Карабатиќ, а на голот и натаму ќе стои 40-годишниот Тиери Омејер кој најави дека ќе се пензионира по овој Мундијал.

„Галските петли“ ќе ја имаат поддршката од домашната публика и не би требало да имаат големи проблеми во групата каде главни конкуренти за првото место ќе им бидат Полска, Русија и Норвешка. Аутсајдери во оваа група се Бразил и Јапонија.

Сериозен фаворит за златото е и Данска, традиционалниот аспирант за највисоки дострели на секое големо натпреварување. Данска на Светското допатува како актуелен олимписки победник од Рио де Жанеиро а во Франција ќе ги предводи феноменалниот Микел Хансен.

Кандидатура за златниот медал најави и Шпанија од чијшто поширок список отпаднаа Вардаровите Македа и Арпад Штербик.

Германија веќе успешно ја направи смената на генерации, а за лидер на „Панцирите“ се смета Андреас Волф кој беше еден од најдобрите ракометари на Европското минатата година во Полска.

Меѓу фаворитите и овојпат е и Хрватска која што иако доаѓа целосно ослабена (без четири важни играчи меѓу кои повредениот Марко Копљар), знае да ги игра големите натпреварувања.

Обложувалниците пред неколку недели излегоа со коефицентите за евентуалниот освојувач на Светското, а Македонија на него котира со страшно висок коефицент:


СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2017:

Група А: Франција, Полска, Русија, Норвешка, Бразил и Јапонија

Група Б: Шпанија, Словенија, Македонија, Исланд, Тунис и Ангола

Група Ц: Германија, Хрватска, Белорусија, Унгарија, Чиле и Саудиска Арабија

Група Д: Катар, Данска, Шведска, Египет, Бахреин и Аргентина

Во осмина финалето ќе се пласираат по четири репрезентации од секоја група, а ќе вкрстуваат тимовите од А и Б групите, и од Ц и Д.

Во меѓувреме на Триумфалната Порта во Париз во разни светла се појавија и сите земји учеснички: