Селекторот Лазаров излезе со изменет состав за разлика од неодамнешното Светско, најмлад до сега. Португалија заврши на 13-та позиција на последниот Мундијал.
Поради повреда ги немаше Пешевски, Танкоски и Павле Атанасијевиќ, Талески не настапи поради приватни причини, а Манасков и Георгиевски не добија повик.
Мечот го почнаа лошо и двете селекции со многу грешки во напад што резултираше со резултат 1:1 после првите 6 минути игра.
Македонија имаше очајни 20 минути со само 2 гола од игра на Кузмановски и Џонов и уште 2 од пенал, но од 5 обиди на Кузмановски и Цветановски.
Во тие моменти при водство од 8:4 за Португалија, Лазаров свика тајм аут и побара поголемо трпение и помалку брзање во играта.
Тоа веднаш вроди со плод и нашите ракометари во последните 10 минути влегоа со поголема решителност и самодоверба која им недостасува во играта.
Ако во првите 20 минути дадоа само 2 гола од игра, поголемата храброст после тајм аутот им донесе 7 комада за 10 минути игра.
Македонија во последните мигови од првиот дел стигна до -1, но Георгиев доби исклучување, а гостите ја искористија предноста од играч повеќе и на пауза заминаа со предност од 11:14.
И покрај фаворитската улога на Португалија и големиот број на отсутни првотимци во нашиот табор, младите избраници на Лазаров не се предадоа и добро се носеа во вториот дел.
За одбележување е 45-та минута кога притиснаа и успеаа да стигнат до првиот пресврт. Кузмановски испука проектил од 9 метри за прво водство од 20:19.
Но радоста кратко траеше, а неискуството си го направи своето. Португалците брзо се консолидираа и ја вратија предноста од 3 гола која ја имаа најчесто на мечот.
Конечниот резултат 23:29 не го отсликува баш целиот впечаток кои го оставија момците.
Најпрецизни кај Македонија беа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по 5 гола (сите од пенал), а Џонов го заврши мечот со 3.
Во недела со почеток од 18:30, Македонија и гостува на Португалија.