Силен отпор на Металург кој не издржа до крај

Втор пораз за ракометарите на Металург на гостински терен во Лигата на шампионите. Избраниците на Лино Червар анулираа негатива од 7 гола и имаа водство на гостувањето во Русија, но залакот изгледа беше голем.

Со головите на Пешевски и Обрадовиќ Металурзите добро го отворија мечот и по 90 секунди игра на два пати имаа водство. Следуваше период во кој и на двете двете страни се правеа грешки и потоа резултатот од 2:2, пет и пол минути стоеше на семафорот.
 
Домаќините ги консолидираа редовите и влегоа во одлична серија која им донесе водство од 9:4. Во Металург ништо не функционираше во тие моменти и 10 минути беа без постигнат гол.
 
Лино Червар ја стегна играта во одбрана, Металург излезе од притисокот и направи серија од 4:0 за 11:8 во 26 минута. Но серијата тука застана и Чеховски Медведи безбеди предност од 14:8 на паузата.
 
Во првиот напад од вториот дел Русите преку Санталов стигнаа до највисоки +7 на средбата. Високото водство за домаќините не го исфрли тимот на Автокоманда од игра и натпреварот влезе во голема неизвесност благодарение на Металург која ја подобри и играта и направи две серии, првата од 4:0 во 36-та, а потоа 5:0 во 45-та минута за целосен пресврт и водство од 17:18.
 
Металург не успеа во исто темпо да го продолжи мечот и се држеше до 52 минута од средбата кога резултатот беше 20:20. Потоа ракометарите на Чеховски Медведи направија серија од 5:1 за прва победа во групата.
 
Најдобар поединец кај Металурзите беше Обрадовиќ со 8 кола, а Младеновиќ постигна 5.
Металург сега има една победа и два порази, а во следното коло во Лига на шампиони ја пречекува Ла Риоха која гостува во Борис Трајковски на 15 октомври.
6 октомври 2016 - 19:43