Ова е воедно трето загубено финале на Европско првенство за Хрватска која во минатото, во дуелите за злато губеше од Данска и Франција. Овојпат прват беа навистина близу до историски успех, затоа што резултатски беа во игра до последните 60 секунди.
Од друга страна, Шпанија ова второ европско злато на некој начин „го плати“ со дури четири порази во финалиња претходно. На вечната листа европски прваци, Шведска има 4 злата, Франција 3, а Шпанија 2.
Момците на Лино Червар сјајно ја отворија средбата во „Теле2 Арена“ во Стокхолм и преку Игор Карачиќ и Домагој Дувњак после неколку минути имаа 2 гола предност.
Шпанија, во чиј состав имаше неколку искусни ракометари со над 35 години, преку Агинагалде успеа да фати резултатски приклучок, но потоа следуваше фуриозна Хрватска.
„Каубојците“ со неверојатна серија доаѓаат на +3 (10:7) за делириум на преку 12.000 хрватски навивачи во салата.
Во овој дел од првото полувреме Хрватска играше добро, но откако го постигнаа 10-от погодок, некако како да подзастанаа, веројатно како резултат на уморот по надчовечките напори во полуфиналето против Норвешка кога и емотивно се потрошија.
Тоа го искористи селекцијата на Жорди Рибера, која со експресно брз ракомет, во нивен стил, направи серија 4:0 и целосен пресврт. Голем удел во ова имаше и неверојатниот голман Перез Варгас кој бранеше лудо и на крајот заслужено ја доби наградата за најдобар голман на Европското.
NOTHING is getting past All-star Team goalkeeper @PerezdVargas right now - 6 saves from 8 shots 👊@RFEBalonmano 🇪🇸#ehfeuro2020 #dreamwinremember pic.twitter.com/aMNjYR8i7q
— EHF EURO (@EHFEURO) January 26, 2020
За тоа колку Хрватите делуваа физички истоштени говори и фактот што во последните 12 минути постигнаа само 1 гол, а примија пет и на полувремето заостануваа 1 погодок - 11:12.
Во вториот дел се играше гол за гол но Шпанците одново решија да покажат зошто се кралеви на европското злато, па со серија од 4:0 се одлепија. Дури 12 ракометари од претходното златно Европско во Хрватска кога Шпанците ја совладаа Шведска во финалето, и овојпат беа во составот.
По тајм-аутот на Червар, Хрватите се консолидираа, сфатија дека нема што друго освен да запнат за последен пат и успеаа да се вратат, па финалето отиде во драматична завршница.
Сепак таму подобро се снајде „црвената фурија“ која благодарение на грешката во чекори на Игор Карачиќ ја одбрани предноста, па со головите на Абеља и Душебаев го скрши сонот за злато на милиони Хрвати ширум светот.
CAMPEONES! @RFEBalonmano 🇪🇸 win their second EHF EURO 🥇!#ehfeuro2020 #dreamwinremember pic.twitter.com/MSxIBttfek
— EHF EURO (@EHFEURO) January 26, 2020
Најефикасни во шампионската Шпанија беа Абеља со 5 гола, а по два дадоа Агинагалде, Сармиенто и Алекс Душебаев. Кај поразената Хрватска која се закити со сребрен медал, најдобри стрелци беа Дувњак со 5 гола и Игор Карачиќ со 4.