Првото учество на Македонија како независна земја на едно Европско првенство беше во 1998. година кога во Италија завршивме последни. Игравме во групата Б и освоивме само еден бод против Хрватска, Унгарија, Русија, Шпанија и Чешка.
Следниот Евро предизвик за нашата земја дојде 14 години подоцна, кога блеснавме во Србија. Со една победа (против Чешка), реми (Шведска) и пораз (Германија) освоивме 3 бода во Ниш и се пласиравме понатаму. Главната фаза ја завршивме трети, зад Данска и Србија кои се пласираа во полуфиналето, а ние ја победивме Словенија во дуелот за 5-то место.
Пред 2 години игравме и на ЕП во Данска каде паднавме во група со домаќинот, со Чешка и Австрија. Повторно победа, реми и пораз и пласман во главната фаза, каде пренесовме 2 бода и завршивме на крајот како трети зад Шпанија и Данска. Тој турнир го финиширавме како 10-ти во Европа.
Откако дознавме дека следниот јануари во Полска ќе играме во пеколно тешка група, нашите ракометари изјавија дека токму тие селекции биле најнепосакувани пред ждрепката.
Против Полска имаме позитивен учинок, затоа што славевме на двата претходни дуели. На СП 2009. година во Хрватска, ги победивме Полјаците 30:29 со 13 голови на капитенот Лазаров. Полска ни легна и пред 3 години кога на Европското во Белградската Арена славевме 27:25 (Лазаров 9 голови).
Со Галските петли кои ги обединија сите титули кои постојат во ракометот само годинава игравме 3 пати. На пријателска средба во јануари во Нант загубивме 30:20, по што следуваа дуелите од квалификациите. Триколорите убедливо нè победија во Тулуз со 35:24, а во Скопје се провлекоа во финишот и славеа 25-27.
Иако ни е географски најблизу, против Србија немаме одиграно многу средби. Последен пат се сретнавме во Белград, кога ни требаше победа за петтото место и славевме 22:19, а капитенот Лазаров даде 10 голови.
За да ги бодри Црвено-жолтите, фалангата овој пат ќе треба да пропатува околу 1.200 километри колку што Краков е оддалечен од Скопје. Приоритет ќе биде пласман во главната фаза, каде ќе вкрстиме со групата Б во која се Хрватска, Белорусија, Исланд и Норвешка.