Ракометарките на Вардар потешко од очекувањата го совладаа австрискиот Хипо, екипа која во првиот меч убедливо загуби од Скопјанки. За разлика од првиот натпревар против Австријките, Вардарки вечерва не форсираа многу и се штедеа против аутсајдерот кој е последен против групата.
Натпреварот започна со многу технички грешки на двете страни, особено младата екипа на Хипо. Вардар поведе 3:1, но растеретени од било каков притисок домаќинките му допуштија на австрискиот првак да се врати на 3:3, а набрзо и на 5:5. Во тој стил се одигра целиот прв дел, Вардар поведуваше во серија, Хипо се враќаше поради несериозниот пристап на Црвено-црните во одбраната.
На полувреме се замина со минимална предност на Вардар 15:14
Второто полувреме го донесе и второто водство на Хипо од 17:19, што како да ги разлути Андреа Лекиќ и Пенезиќ кои беа најзаслужни за серијата од 6:0 со која Вардар поведе 23:19. На 12 минути пред крајот, Вардарки направија уште една фуриозна серија од 6:0 и се одлепија на убедливи 29:20. Сите ракометарки во тимот на Индира Кастратовиќ се запишаа во листата на стрелците, освен трите голманки.
Андреа Лекиќ беше најефикасна на мечот со 9 голови (3 од пенал). Пенезиќ постигна 4, колку што имаше и Јованка Радичевиќ. Кај гостинките со 6 голови се истакна Турнер.
Победата не му значеше многу на Вардар, затоа што во главната фаза ќе ги префрли бодовите освоени против Митјиланд и Ѓер (4). Дуелите од круцијалната главна фаза се играат на стартот од новата 2016-та година, во јануари и февруари.