Ракометната федерација на Македонија соопштува дека со Раул Гонзалес заеднички се спогодиле да ја прекинат соработката, поради неговите клупски ангажмани и тоа што Шпанецот е далеку од случувањата во мак ракометот.
Во соопштението на РФМ стои:
„Ракометната Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската куќа на ракометот и селекторот на машката сениорска машка репрезентација, г. Раул Гонзалез, взаемно се спогодија да ја прекинат соработката.
Земајќи ја предвид потребата машката А-селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збуднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клубски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.
Би сакале да му се заблагодариме на “Ел команданте” за досегашното работењe со нашиот А-тим и му посакуваме се најдобро: многу успеси и многу титули во иднина. Иако ќе ни недостасува неговата смиреност и тактичност на клупата, продолжуваме секој со своите предизвици кон нови победи“.
Со Раул Гонзалес, Македонија го освои 11-то место на ЕП 2018 и 15-то на СП 2019. Потпиша договор до 2020-та година откако Лино Червар си поднесе оставка за да ја води Хрватска на Европското на кое беше домаќин.
По освојувањето на европската круна со Вардар го прогласија за нумеро уно.