По скандалозната реакција на еден тајм-аут на Загреб пред неколку дена, кога Вујовиќ на својот играч Словенецот Алекс Влах му викаше: „Умри, умри веќе да не те гледам!“, словенечката ракометна федерација го отпушти селекторот.
Ваквиот нечовечки гест на Вујовиќ наиде на бурни реакции во регионов, а најмногу во Словенија. Претседателот на ракомениот сојуз на оваа земја Фрањо Бобинац изјави дека „ова е многу непримерен гест на селекторот“, а поранешниот репрезентативец Миха Жвижеј на својот профил за Вујовиќ напиша: „И вие овој човек го нарекувате легенда?!“
„Управниот одбор на РС Словенија на денешната седница едногласно реши да го раскине договорот за соработка со Вујовиќ, кој на клупата на нашата селекција е од мај 2015 година. После повеќе од четири години одлична соработка, заситеноста во националниот тим неодамна почна да се шири, што би можело да значи значително ограничување и преголем ризик пред претстојното Европско првенство“, пишува во соопштението на РС Словенија.
За порталот G-sport.mk Вујовиќ денес на прашањето што има ново, одговорил:
„Има ново мајсторе. Не сум веќе селектор на Словенија. Не знам што ќе наведат во официјалното соопштение, но се работи за мојот однос кон еден словенечки играч на тајм-аут во Загреб. Тоа наводно можело да доведе до отпор од одредени играчи. Ме донесоа поради карактерот, сега им смета што сум таков“, рекол Вујовиќ кој веќе не е селектор на Словенија.
Словенците под водство на актуелниот тренер на Загреб се радуваше на бронзен медал на Светското 2017 во Франција кога направија огромен успех, а претходно и шесто место на Олимписките Игри во Рио 2016, како и осмо место на Европското 2018 во Хрватска.
Кој ќе дојде на место на Вујовиќ ќе се дознае во декември, велат од РСС. Словенечките медиуми шпекулираат со имињата на Хуан Карлос Пастор, тренерот на Пик Сегед, Талант Душебаев од Кјелце, како и со Урош Зорман, досегашниот помошник на Вујовиќ и долгогодишен капитен на Словенија.
На Европското во јануари 2020 на кое игра и Македонија, Словенците се во група Ц со Шведска, Полска и Швајцарија.
Скандалозната реакција на Вујовиќ на меч на РК Загреб.