Србија 2012 - Германија 2024. Поминаа 12 години од незаборавното, легендарно Европско првенство на кое Македонија блесна и постави високи критериуми за идните ракометни генерации.
Од ова првенство во кое македонските навивачи направија опсада во Ниш, а потоа и во Белград, повеќе нема никој во денешниот ростер, освен Кире кој сега е во улога на селектор.
Нема човек кој не ужива во овие снимки и блескави моменти спакувани во едно видео. Почнува и завршува со македонската химна, која грмеше во сала на секој натпревар, благодарение на илјадници македонски грла.
Меѓу двете химни, ќе се потсетиме на најважните моменти, односно клучните голови и одбрани во финишот, кој на секој меч беше за дијазепам, како и на тајмаутите на кои Шундовски делеше совети, потпомогнат од капитенот.
Во групната фаза Македонија тргна со реми против Шведска, загуби 1 гол разлика од Германија и во трето коло ја победи Чешка. Лазаров на сите три средби беше прв стрелец со по 7 голови.
Во втората групна фаза на стартот, за влакно или поради грешка на судиите не падна гигантот Данска која го освои ова Европско. При резултат 32:32, нашите имаа напад за победа и го искористија со класичен скок - пук на Лазаров.
Но судиите направија голем превид и не забележаа дека топката е зад гол линијата, а Данците во брза контра постигнаа гол за победа.
Но силната Македонија, која со тој триумф најверојатно ќе играше во полуфинале и ќе се бореше за медал, брзо се рехабилитираше со две победи над Полска и домаќинот Србија.
Тоа им донесе меч за петто место против Словенија која ја добија со 28:27, по што следуваше пречек и фешта на плоштад.
Уживајте: