Новиот голман на Вардар, Дејан Милосављев веројатно ќе придонесе навивачите на „црвено-црните“ побрзо да го преболат заминувањето на неверојатниот Арпад Штербик.
На отворањето на сезоната во Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар одлично го започнаа мечот со Монпеље и со одбраните на Милосављев и погодоците на Чупиќ после 10 минути игра имаа два гола предност (4-6).
Актуелниот европски првак носен од полна сала израмни на 6-6 со головите на Порт и Симонет, но гостите од Скопје брзо ја вратија резултатската позитива.
Милосављев блескаше на голот, особено на средината од првиот дел кога со три одбрани во серија им овозможи на соиграчите да организираат брзи полуконтри и контри.
Во 25. минута Монпеље за кратко го презеде водството на 10-9 но Вуко Борозан во свој стил со проектил од далечина израмни а Чупиќ до паузата од седум метри му донесе 11-12 на Вардар на полувремето. Најзаслужен за водството на Вардар на полувреме беше голманот Милосављев кој имаше 10 одбрани.
Вториот дел избраниците на наследникот на Раул, Роберто Гарсија Парондо влегоа уште помотивирано - тоа резултираше со фантастична серија од 11-14 по 32. минути игра.
Кога семафорот покажуваше 40 одиграни минути Монпеље тргна по резултатски пресврт кој го добија во рок од три минути (19-18) со головите на Скубе.
Падот на концентрација кај Вардарци беше аларм Парондо да повика тајм-аут и да ги смири своите пулени. Во самиот финиш Монпеље го стигнуваше секое „бегство“ на Вардар но на крајот македонскиот шампион заслужено удри печат на победата со погодоците на Карачиќ, Чупиќ и Мораеш. Триумф 23-27 за прва и голема победа во групната фаза.