Скопската публика одамна не видела неверојатен настап на противничка ракометарка каков што беше вечерашниот на Катарина Булатовиќ, црногорската репрезентативка од Будуќност. До мечот со најголемиот ривал во Европа, избраничките на Давид Дејвис имаа 8 победи по ред во Лига на шампиони а вкупно 10 меча беа без пораз.
Дербито со Будуќност и вечерва се играше со многу пресврти, голема и жустра борба и тензија. Вардарки влегоа во дуелот со серија од три победи по ред против Будуќност, а последниот во Подгорица на крајот од јануари.
Вардарки отворија солидно, поведоа 3:2 па 4:3, но некогашниот европски шампион брзо се врати во игра и се отиде на позитива. После 11 минути водеа 7:4. Страшна партија пружи Катарина Булатовиќ која што од бкупно 16 гола на тимот во првиот дел, самата даде 10!
Во 18. минута навивачите на Вардар се разбудија кога Александра Лакрабер го израмни резултатот на 8:8. До полувремето Будуќност се избори за пенал на 30 секунди пред крајот којшто Булатовиќ го реализираше за 16:17 на паузата.
Во вториот дел Будуќност продолжи во висок ритам и ги искористи неколкуте грешки и загубени топки на Вардарки. Ниту Суслина не беше расположена на голот и Црногорките во 55. минута од мечот имаа +5 гола предност 30:25.
Играч на мечот беше Катарина Булатовиќ со 14 гола. Кај Вардар, Пенезиќ даде шест а Лекиќ и Алексанра Лакрабер дадоа по пет. Кристина Неагу добро ја следеше Булатовиќ и постигна шест погодоци.
Во следното коло, на 5. март Вардарки ќе гостуваат кај Мец, а во последното коло на 13. март во Скопје доаѓа Турингер. Вардар останува на првото место во групата со 13 бода колку што има и ФТЦ Будимпешта но Скопјанки имаат подобар меѓусебен биланс. Будуќност е трет со 10 бода, така што меѓу Вардар и ФТЦ Будимпешта ќе се бара победникот во групата којшто ќе оди на полесен ривал, односно четвртопласираниот тим од групата Б.