Европско ракометно првенство Полска 2016

Против Галските петли за крај на незгодната традиција

Македонските ракометари четири пати од осамостојувањето играа на Европските првенства. Вечерва од 18:00 го почнуваме третото по ред, во Полска, каде отвораме против најмоќната ракометна сила на планетава.

ЕП во Италија пред 18 години беше првиот од четирите континентални турнири на кои учество зема и Македонија. Во групата Б, нашата селекција отвори против Унгарија со пораз од 29-20, а на крајот заврши на последното место од групата со 1 бод на своето конто. Овој шампионат во Италија, нашите ракометари го завршија на последното 12-то место.
 
Цели 12 години, нашата земја очекуваше пласман на едно Европско првенство (ги пропуштавме по ред Хрватска 2000, Шведска 2002, Словачка 2004, Швајцарија 2006, Норвешка 2008, Австрија 2010) за да конечно во 2012 обезбедиме пласман на ЕП во Србија.
 
На овој турнир, кој го обележаа македонските навивачи кои ги окупираа Ниш и Белград, Македонија стартуваше со реми 26-26 против Шведска. Прилично блед почеток имавме и на претходното ЕП во Данска пред две години каде домаќинот нè совлада 29-21 пред преполна сала во Копенхаген.
 
Според тоа, црвено-жолтите две првенства отворија со убедлив пораз, а едно со реми. Дали вечерва би можеле да се надеваме на уривање на лошата традиција и тоа против најстрашниот можен противник, Франција која е актуелен европски, светски и олимписки првак.
 
Триколорите доминираат со светскиот ракомет како ретко која селекција во било кој спорт. И покрај тоа, Галските петли знаат да се лизнат на првата скала на Европските првенства. Во Србија во 2012-та загубија од Шпанија 29-26, а две години претходно во Австрија ремизираа 29-29 со Унгарија.
 
Во преубавата сала Таурон во Краков, нашите ракометари вечерва од 18:00 часот ќе отворат против репрезентацијата на Франција, која на два пати нè победи во квалификациите. Во недела играме против домаќинот Полска  од 20:30, а во вторник следи пресметка со Србија од 18:15.
 
Составот на Македонија за ЕП 2016:
Голмани: Борко Ристовски, Даниел Дупјачанец;

Леви крила: Дејан Манасков, Гоце Ојлески;
Десни крила: Гоце Георгиевски;
Леви бекови: Филип Лазаров, Филип Кузмановски, Велко Маркоски, Аце Јоноски;
Средни бекови: Филип Миркуловски, Наумче Мојсоски, Немања Прибак;
Десни бекови: Кире Лазаров, Влатко Митков;
Пивоти: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски.

Денес на програмата се дуелите од првата рунда:

Хрватска - Белорусија (16:00)
Македонија - Франција (18:00)
Исланд - Норвешка (18:15)
Полска - Србија (20:30)