Пресврт во случајот со ракометарот на Бутел

27 годишниот хрватски ракометар Денис Тот е во критична состојба и се бори за живот, но според најновите информации веројатно не станува збор за тепачка.

Директорката на КАРИЛ, доктор Маја Мојсова Мијовска даде изјава за Фокус и Слободен Печат, која се коси со првичните информации кои се раширија во медиумите, дека ракометарот на Бутел бил претепан во скопски ноќен клуб.

Мијовска тврди дека немало знаци на насилство.

„Ракометарот е во критична состојба. Слободно, можам да кажам дека се бориме за неговиот живот. Но, тоа што е чудно е дека тој нема видливи знаци на насилство. На нашата клиника беше донесен без срцева акција. Правиме сè што можеме во моментот за да му го спасиме животот“, вели доктор Мојсова за Фокус.

За чудниот случај се огласија и од МВР кои ветија расчистување, а сега само кусо ја информираа јавноста дека на 7 април во 4:11 часот од Клиничниот центар во Скопје е пријавено дека хрватскиот ракометар е донесен во кома и без траги на насилство, по што веднаш му е примена помош.

Веста за ракометарот на Бутел внесе конфузија во јавноста, бидејќи утринава еден куп македонски медиуми објавија дека Тот бил претепат и примен во болница со тешки повреди и скршеници.

Вечерњи лист повикувајќи се на анонимен извор објави дека инцидентот се случил во клубот Привилиџ и дека снимките од безбедносните камери биле избришани.

Во болница се наоѓаат претставници на хрватската амбасадата, семејството и луѓе од клубот, меѓутоа никој не бил со него вечерта пред настанот, пишува Словен печат.

Инаку Денис Тот пред да игра за Бутел, две години беше член на Охрид.

ЕДИТ: Последната вест е дека Тот починал на скопската клиника.

8 април 2022 - 11:46