Победата од само два гола разлика во Атина не го отслика драстично подобриот квалитет на нашата репрезентација, но со поголемото заложување на нашите ракометари на овој дуел, се покажа дека Грција нема што да бара.
Нашиот јужен сосед поведе на стартот со 1:2, но потоа се случи канонада по нивниот гол и брза серија од 8:0 во која Кире Лазаров постигна пет погодоци за висока предноста од 9:2. Грците беа во шок и немаа никаква координација во играта, а избраниците на Обрван тоа одлично го користеа и стигнаа до 13:3.
Покрај убиствениот напад на Македонија кој функционираше беспрекорно во првите 30 минути, тешко совладлив беше и Борко Ристовски кој одбрани 11 удари. Мечот беше одлична можност и за атракција на нашите ракометари, а публиката ја забавуваше Манасков кој погоди со финта од за грб, а потоа во соработка со капитенот Лазаров направи и цепелин.
Нашата селекција на пауза замина со предност од 19:9, а вториот дел беше само тренинг меч и можност за Обрван да им даде шанса на сите репрезентативци да си поигруваат со послабиот противник. На семафорот постојано стоеше двоцифрената предност помеѓу 12 и 13 голови, а на две минути до крајот со голот на Вугринец имавме и највисоки +14.
Во големата победа од 35:23 за пласман на СП Катар 2015 се запишаа дури 11 стрелци. Најпрецизен беше капитенот Лазаров со 10 голови, а публиката бурно го поздрави и дебито на младиот Филип Талевски кој им возврати со два гола.