Во последното коло од втората групна фаза, Исланд лесно, според очекувањата се справи со Црна Гора, славеше 34-24 и чекаше што ќе се случи вечерта на големото мега дерби меѓу Данска и Франција.
Данците пред тој меч беа први во групата со обезбеден сигурен пласман понатаму во полуфинале. На Франција ѝ требаше најмалку бод а на Исланд за полуфинале му беше потребно „галските петли“ да изгубат од Данска.
И тргна добро за нив, избраниците на Никлас Јакобсен кој реши да ги одмора своите најдобри играчи Хансен, Гидсел и Ландин, водеа во текот на целиот меч. На полувремето имаа дури и +5 и Исланд веруваше дека Франција ќе изгуби за тие да одат во полуфинале.
Но на крајот драматичната завршница и страшниот Дика Мем направија голем пресврт и Франција победи 30-29. Триколорите одат во полуфинале каде ги чека Шведска а Исланд ќе игра за петто место против соседна Норвешка.
Очекувано, поразот на Данска и тоа во ситуација кога водеа со огромна предност во текот на цел меч донесе големо разочарување на Исланд.
Пратеникот во Собранието на Исланд, Бјорн Леви Гунарсон во стилот на балканските политичари отишол најдалеку и рекол да се тргне данската круна од зградата на Парламентот.
Оваа круна уште пред неколку векови ја дал поранешниот дански крал Кристијан IX и стои симболично на врвот на зградата на Парламентот. Пратеникот Гунарсон рекол дека е време да се тргне.
#emruv pic.twitter.com/i7mO5JFC3f
— Bjorn Levi (@_bjornlevi_) January 26, 2022
„Мене идејата не ми е од синоќа туку одамна размислувам на темата. Поразот на Данска од Франција беше само кулминација за барањето да го доставам до надлежните служби“, рекол Гунарсон за исландскиот медиум Visir.is.