Во „котелот“ на СЦ „Борис Трајковски“ вечерва пред 6.000 гледачи најдобрите македонски ракометари ги имаа сите предуслови да ја повторат партијата од баражот за Мундијалот кога ги декласиравме Чесите. И ја повторија.
Избраниците на европскиот клупски првак Раул Гонзалес отворија добро, поведоа 2-0 со головите на Манасков и капитенот Лазаров (37) и им ставија до знаење на гостите што ги чека. Со 50. гол во квалификациите, новиот ракометар на француски Нант кој со Барса играше во полуфиналето на ЛШ, зголеми на 3-1 за Македонија.
Чешка во овој натпревар влезе како сигурен патник на Европското, така што немаше резултатски императив.
Во продолжение предноста од два гола ја одржуваше Лазаров со 4/4, а „грбот“ на капитенот му го чуваше Борко Ристовски со серија одбрани во негов стил. Токму после една одлична реакција на Ристовски, нашите репрезентативци првпат стигнаа до +3 (7-4) со голот на Митков (36), Штипјанецот кој вечерва го играше последниот натпревар во долгата репрезентативна кариера.
По тој период, неочекувано следуваше пад на концентрацијата кој ветеранот Мирослав Јурка го искористи да намали на 7-6. Но работите почнаа да се враќаат на свое место, следеа неколку проектили на Манасков и Лазаров и во 23. минута стекнавме пет голови позитива (12-7).
Првиот дел нашите ракометари го завршија со страшен цепелин на Лазаров и Манасков за највисоки 16-10. Импресивна партија на Лазаров кој после првите 30 минути даде 9 гола. Борко имаше 7 одбрани, а Манасков даде два погодоци.
Стојанче Стоилов со маестрален потег го означи почетокот на вториот дел за 17-10 а веднаш по него три бравурозни реакции имаше Борко на голот (11 интервенции после 35 минути).
Беспрекорната игра во нападот овозможи Раул Гонзалес да проба неколку варијанти, па во таква ситуација најдобро се снајде Жарко Пешевски кој даде 4 гола од 5 шута кон противничкиот голман и Македонија имаше високи 10 голови предност (26-16).
Со 11 гол на Лазаров стигнавме и до 11 гола предност, така што на 15 минути до крајот од мечот победникот веќе беше познат а навивачите веќе можеа да проверуваат во кои градови ќе се игра Европското во Хрватска.
Во финишот се играше ракомет за публика со атрактивни потези на двете страни а по сирената која означи крај нашите играчи заедно со селекторот Раул Гонзалес го прославија пласманот на Евро 2018! Конечни 33-20 за прво место во групата 4 пред Чешка.
Најефикасен во нашиот тим беше Лазаров со 11 голови, Манасков даде 6, а Жарко Пешевски 4. Фантастична вечер имаа и голманите. Борко Ристовски забележа дури 16 одбрани, а Никола Митревски запиша 6 интервенции (1 пенал). Кај Чесите, кој како втори од нашата група ќе одат на Европското, Бабак, Јурка и Каспарек дадоа по три погодоци.