Лошата игра на нашите ракометари почна уште во стартните 8 минути кога Унгарија направи предност од 4:1, а тоа како да беше знак дека резултатско враќање за Македонија нема да има. Лазаров и Манасков на два пати намалија на -2, но тоа беше најтесната разлика на мечот.
Македонија делуваше очајно и безидејно во сите сегменти во играта. Слабата одбрана Унгарците ја искористија и по 20 минути имаа двојно водство од 12:6, а по слабата игра во нападот нашиот состав остана на мизерни 6 гола за 24 минути игра во кои Унгарците направија и +8.
Дури на 5 минути до крајот од првиот дел избраниците на Ивица Обрван успеаа да реализираат два гола во низа и тоа преку резервистот Златко Мојсоски кој го постигна првиот гол на првенството, а веднаш по него погоди и Пецаковски.
Но тоа беше далеку од некаков знак дека нашиот национален тим ќе ја подобри играта и ќе се врати резултатски за да фати чекор во вторите 30 минути. Борко Ристовски го немаше во првиот дел, под нивото беше целата одбрана, а во нападот Кире Лазаров имаше само два гола во воведното полувреме.
Унгарија на полувремето имаше комотно водство од 16:9, а по паузата во првите 5 минути стигна повторно до +8. Работите во нашиот табор никако не можеа да тргнат. Унгарците направија и 9 гола разлика, а нашите репрезентативци не успеаа ниту еднаш да се спуштат под 6 гола негатива.
Најсветла точна во нашата селекција овој пат беа Пецаковски и Манасков со по 5 погодоци, а Миркуловски постигна 4, исто колку и нашиот капитен кој во својата скромна партија погоди само еден од четири седмерци. Борко Ристовски го подобри учинокот во вториот дел и мечот го заврши со 13 одбрани.
Следниот дуел го играме против Исланд во понеделник со почеток од 16 часот.