Уште во својата најава на Твитер, Веспрем најави дека ќе му одмаздува на Вардар за загубената европска титула пред околу четири и пол месеци. И тоа го направи дрско. Го уништи бранителот на титулата со убедливи 39:30.
Вардар едноставно не личеше на себе, а за да го поправат впечетакот од дебаклот во Скопје минатата недела, не помогна ниту Кокшаров кој од позицијата спортски директор денеска дебитираше како тренер.
Црвено-црните тргнаа добро и на почеток имаа неколку водства, но на европски прваци личеа само во воведните десетина минути. Уште во 12-та минута, Веспрем стигна до водство од 9:5 и го принуди Кокшаров да бара тајм аут.
Ништо не се промени во играта. Нападот не беше толку лош, но одбраната функционираше катастрофално и имаше премногу простор за домаќините кои лесно постигнуваат погодоци. Вардарци само во првите 30 минути примија 21, а постигна 17.
Не беше тоа сериозна предност која не можеше да се анулира, но со игра како денешната тоа беше невозможно. Вардар не само што не ја подобри, туку ја влоши играта во вториот дел, а тоа беше олеснување за Унгарците кои постојано го зголемуваа водството.
Она што загрижуваше покрај катастрофалната одбрана, беше пристапот на ракометарите кои не се залагаа да се вратат резултатски и многу рано го предадоа мечот.
Со оглед на тоа што ова е кризен период за Вардар, добро е што следниот викенд има пауза во Лига на шампиони, за да имаат повеќе време да се вратат од двојниот шок за една недела и посериозно да се подготват за дуелот против Мешков Брест закажан за 3 ноември.
Најсветла точка кај Вардарци беше Тимут Дибиров кој постигна 8 гола, а Дисингер даде 5. Лош ден имаа и голманите Кугис и Гедбан кои заедно имаат 6 одбрани.