Со големото финале меѓу најдобрите две женски ракометни селекции на светот, Норвешка и Франција, синоќа се спушти завеса на Европското првенство во Данска. Ова беше осма рекордна титула за Норвежанките (1998, 2004, 2006, 2008, 2010, 2014,2016, 2020), а Французинките останаа на едно европско злато, освено во 2018 како домаќини.
Следното Европско првенство 2022 се игра во Македонија, Црна Гора и Словенија.
НОРВЕШКА - ФРАНЦИЈА 22:20 (14:10)
Во салата "Jyske Bank Boxen" финалето на Евро2020 се одигра без гледачи.
Стартот беше во знак на Французинките кои поведоа 2:0, па набрзо и 4:2. Но од тие моменти веќе почнува „изградбата на кинески ѕид“ на норвешката голманка Маргарета Силје Солберг која до крајот од мечот бранеше неверојатно и запиша 15 одбрани.
Норвежанките, на крилја на Солберг прават луда серија 5:0 и во еден момент од првиот дел поведуваат со високи +5 гола разлика (12:7). На пауза Норвешка имаше 14:10.
WATCH: Both Silje Solberg & Amandine Leynaud in form! @FRAHandball 🇫🇷 vs @norhandball 🇳🇴#ehfeuro2020 #handballispassion pic.twitter.com/EA5cPPT871
— EHF EURO (@EHFEURO) December 20, 2020
Во првите 10 минути од вториот дел видовме потврд ракомет, поголем број технички грешки, изгубени топки и погодени стативи. Во тој период паднаа 6 гола а Французинките се вратија резултатски по влегувањето на резервниот адут Дерло.
Некаде во 50' минута Франција првпат израмнува по долг период, а на 7 минути до крајот на големото финале и прави голем пресврт благодарение на головите од пивот.
Но Норвешка, предводена од сјајната Нора Морк (најдобар стрелец на Европското) и од голманката Солберг, тргна во голема офанзива и на крајот заслужено славеше 22:20 за осмо европско злато во женски ракомет.
Најдобри стрелци кај Норвежанките беа Вероника Кристиансен, Стине Скогранд и Нора Морк со по 4 гола, а Камиле Херем и Стине Офтедал постигнаа по 3. Јунак на мечот беше голманката на Норвешка Силје Солберг која запиша 15 одбрани. Во репрезентацијата на Франција Паулета Фопа со 5 гола беше најистакната во финалето.
Ова беше осмо злато за Норвешка која на Европското ги оствари сите победи од почеток до крај на турнирот. Последниот пораз го забележаа дури во декември 2019-та.
Бронзата на Европско ја освои Хрватска која ја совлада домашната Данска со 29:25 и на најубав начин ја доврши бајката како најпријатно изненадување на континенталниот собир. Стела Посавец и Катарина Јежиќ со по 5 погодоци беа најзаслужни што Хрватска дома се враќа со историска бронза во женски ракомет.