Во борбата за трофејот, во салата „Ласло Пап“ во Будимпешта, пред околу 5.000 гледачи, Норвежанките и Шпанките водеа голема борба од почетокот до крајот. Со победата во финалето, Норвежанките ја симнаа Црна Гора од тронот, која го освои претходното ЕП и на тој начин обезбедија директен пласман на СП во Данска следната година и на ОИ во Рио де Жанеиро 2016 година.
Шпанија по првиот дел имаше водство 12:10, но Норвешка заигра шампионски во продолжението и ја одржуваше стекнатата предност од 3 голови. Пред самиот крај, Шпанија успеа да намали на само еден гол негатива, но фаворитот ја оправда улогата, го сочува водството и заслужено го освои шестото злато во историјата на ЕП.
Најефикасна кај Скандинавките беше Корен со 10 голови, Мерк постигна седум, а Солберг три. 10-те голови на одличната Пења не беа доволни Шпанија да стигне до своето прво злато во женска конкуренција. Покрај Пења, ефикасна беше и Кабрал која даде четири голови.
Во борба за третото место и бронзениот медал, Шведска ја совлада Црна Гора 25:23 (11:12). Изабел Гулден беше прв стрелец кај Швеѓанките со седум погодоци, а Ида Оден додаде шест голови. Сега веќе поранешниот европски шампион, Црна Гора ја имаше расположената Катарина Булатовиќ, која даде осум голови, а Јованка Радичевиќ од ЖРК Вардар дуелот го заврши со четири погодоци.
За МВП на турнирот е избрана Швеѓанката Изабел Гулден која вкупно даде 58 голови, меѓу кои 27 реализирани пенали.