Европскиот првак Монпеље, Кристијанштад, унгарскиот гигант Веспрем и денеска незгодниот Рајн Некар Левен, ја осетија на своја кожа силината и моќта на тимот на Парондо кој гази во Лига на шампиони со 4 од 4.
Вардарци играат маестрален ракомет и без Раул Гонзалес, а доказ за тоа се победите против три големи екипи во досегашните четири кола во елитата.
Иако играа пред своја публика, црвено црните денеска го одиграа можеби најлошото полувреме сезонава, но Вардар нема македонски менталитет и игра ракомет 60 минути, а тоа придонесе за пресврт во вторите 30 минути и голема победа и славје во Јане Сандански.
Германскиот состав каде настапува Талески кој го заврши мечот со само еден гол, беше подобар противник во првиот дел и имаше континуирано водство од два до три гола разлика, а во еден момент имаше и +4. Вардар ниту еднаш не се врати резултатски и на полувреме губеше 13:15.
Во второто полувреме на теренот беше друга песна. Момците на Парондо влегоа посериозно и со серија од 3:0 стигнаа до првото водство на мечот. Вардарци играа подобро, а Рајн Некар правеше повеќе грешки. На тоа се надоврза и Дејан Милосављев кој беше одличен во второ полувреме со 7 интервенции од вкупно 11.
Вардар не го доби мечот глатко бидејќи во последните минути имаше предност од само гол разлика, но се држеше цврство до крај и славеше со 29:27.
Стрелец број 1 на мечот беше Тимур Дибиров со 8 гола, Борозан и Карачиќ постигнаа по 4, а Скубе 3.
Вардар ја држи лидерската позиција со максимални 8 бода, а на 14 октомври има тешко гостување против Кјелце.