Нант се снајде во пеколната атмосфера и го совлада Вардар

Ракометарите на Вардар во драматична завршница го запишаа и вториот пораз сезонава во Лига на шампиони, откако вечерва подобар од нив беше француски Нант со 32-33.

Двете екипи одиграа неверојатен натпревар за паметење, а драмата кулминираше во самиот финиш. Прво Леополд искористи седмерец за 32-33, а во последните секунди Јака Малус сам се избори за зицер, но не беше прецизен и пропадна огромната прилика за прв бод на македонскиот шампион во ЛШ.

 

По пауза од четири години, црвено-црните се вратија во Лигата на шампионите каде што им е место.

Двократниот европски првак бодрен од преполната сала во СЦ „Јане Сандански“ тргнаа јуришно и поведоа со 3-0. Трибините грмеа а црвено-црните играа како во транс на почетокот.

Но Нант покажа дека не залутал во елитата и брзо се врати. До средина на првиот дел се играше гол за гол но гостите во еден момент засилија темпо и поведоа со 11-15.

Вардар успеа да намали на само гол негатива и на полувреме замина со 15-16.

Во вториот дел повторно резултатска клацкалка и брканица по теренот. Бодрен од бучните трибини како некогаш на времето, Вардар стекна предност 29-27 и тоа со играч повеќе.

Но и тоа не го поколеба францускиот претставник кој прво израмни а потоа и поведе преку Леополд во самиот финиш на 32-33.

Јака Малус, најдобриот играч на Вардар во изминатиот период, презема одговорност, тргна сам во последните секунди, успеа да се пробие но не и да го совлада гостинскиот голман.

На крајот пораз на Вардар 32-33. Втор загубен натпревар по оној од Мелсунген во Германија во првото коло.

Абделхак беше прв стрелец со 10 гола кај Вардарци, Јака Малус запиша 6 погодоци. Играч на мечот, оној кој го реши победникот, Леополд беше прв стрелец со 13 гола.

Вардар сега го чека дуел со полска Висла Плоцк во Скопје.

16 септември 2026 - 21:02