Колку човек да живее барем во некоја минимална надеж дека може да се носиме и да извадиме изненадувачки резултат против една Германија, сепак Марко Митев даде многу објективна изјава која најдобро ја објаснува споредбата меѓу нив и германските ракометари.
„Не само Германците, туку речиси сите репрезентации на Европското првенство имаат ракометари кои важат за многу силни. Се согласувам со селекторот Лазаров за тоа што го изјави пред неколку дена дека треба повеќе да работиме на себе. Едноставно треба да ставиме многу кила за да може да се носиме со вакви ѕверови, односно со репрезентација што е физички многу помоќна од нас“, рече Митев.
20 годишниот бек потсети и од која лига доаѓаат најголем дел од репрезентативците на Германија.
„Игравме против селекција што ќе се бори за медал на ЕП и навистина не беше лесно да се носиме против толку квалитетен противник. Најголемиот дел од германските репрезентативци играат во Бундеслигата, која е најсилна на светот и искуството собрано таму е непроценливо. Сето ова наведува дека крајниот епилог и не е премногу изненадувачки“, изјави Митев.
Инаку за Марко Митев ова е второ Европско првенство. Дебитираше на претходното пред две години, кога Кире Лазаров го пушти во оган против Данска.
Повторно беше забележлива неговата брзина и борбеност, која многу фали во националниот тим.
Со оглед на талентот кој го носи, како и позицијата организатор на игра, се очекува да биде една од главните алки во играта на македонската репрезентација.