Додека селекцијата на Данска ја зголемуваше предноста против Македонија, сигурно во второто полувреме забележавте едно ново дете кое ги раздвижи работите во играта на нашата репрезентација.
Се вика Марко Митев, има 18 години, член е на Бутел, како и на кадетската репрезентација на Македонија. Лазаров му даде шанса да почувствува што значи настап на големата сцена, против голем противник, инаку освојувач на последните две Светски првенства.
А тој доста брз, подвижен и многу желен за докажување, ја раздрма некако играта на демотивираната Македонија, која падна во вториот дел, свесна дека е толку од овој шампионат.
Убаво беше да се гледа брзиот Марко како упорно се труди да освежи во играта. Зошто? Бидејќи тоа е една од најпроблематичните позиции во нашата игра. На неа го имавме Прибак, а Жути ги троши последните сили и минути и најави целосно повлекување во јуни.
Кузмановски е повеќе бек шутер отколку организатор на игра, што значи талентот на Бутел се појавува во вистински момент.
На сајтот на ЕХФ стои дека е висок 183 см, иако на преносот ни личеше дека е понизок. Наликува на Скубе. Брзо и мало техничарче со одлични предиспозиции за квалитетен среден бек, кој ни дава за право да се надеваме дека е иднината на македонската репрезентација.
„Ако се најдам на финалниот список на патници за ЕП за мене тоа ќе биде почеток на остварување на мојот животен сон, да го облечам националниот дрес и да ги бранам боите на Македонија на едно вакво првенство. Знам дека тоа воедно е и огромна одговорност, бидејќи да играш за Македонија значи да бидеш подготвен да ги претставиш својата земја и својот народ во најдобро светло, да се бориш за победа на тимот и да оставиш срце на терен“ рече Митев пред првенството
Кире Лазаров го искористи правото на втора замена во групната фаза, па наместо Бојан Маџовски шанса доби токму Марко Митев, најмладиот во нашата селекција кој дебитираше со гол против светскиот првак.
Сите му честитаа, од играчите на клупа, стручен штаб, до коментаторот, а покрај голот, успеа да изнуди и седмерец.
„Овој тим многу потенцијал, во иднина ќе покажеме повеќе, благодорнст до фановите за поддршката. Чувството да се биде дел од најдобриот состав на Македонија. Благодарност до селекторот што ми даде шанса и што има доверба во мене“, рече Митев на прес конференцијата по мечот.
Инаку на ЕХФ шампионатот во Скопје минатото лето, Марко Митев беше дел од ол старт тимот, каде место обезбедија ракометари од Македонија, Полска, БиХ, Грција и Швајцарија, а беше прогласен и за МВП.
Погледнете како ја измеша одбраната на Грција, а еден од играчите го прати на пристаниште во Солун.
На Јутјуб најдовме видео од него како работи напорно за време на карантинот, пролетаа 2020-та.
А желбата за ракомет може да му се забележи и на овој трк и скок шут на 10 години.
Македонија има нов среден бек, а него останува да работи, да се усовршува и да не радува на големите натпреварувања. Квалитетот и потенцијалот се видливи.