
Македонскиот вицешампион со драматичен натпревар ја отвори сезоната 2016/2017 во Лигата на шампионите откако во последните секунди од средбата стигна до голема победа против Елверум од Норвешка.
Филип Талески имаше голгетерско шоу, а голманот Дарко Арсиќ, едно од новите засилувања оваа сезона на Автокоманда кој дојде од екипата на Металопластика имаше фантастична партија и 17 одбрани.
Првото полувреме донесе доста неефикасен ракомет со само 15 гола на двете страни и водство на Металург од 8:7. Од нив беа 6 беа дело на одличниот Филип Талески кој го торпедираше голот на Норвежаните.
Елверум имаше голема криза од 9 минути без постигнат гол и тогаш составот на Червар направи најголемо водство од 7:3 кое не успеа да го задржи. На 30 секунди до крајот на првиот дел Пешевски промаши зицер за +3 и со звукот на сирената гостите погодија за -1.
Металург ја одржуваше предноста во второто полувреме, во 43 минута имаше 13:9, но концентрацијата во одбрана опадна и за 7 минути игра ракометарите на Елверум направија серија од 5:1 и го израмнија резултатот.
Арсиќ бранеше одлично во текот на целиот меч, но гостите беа упорни и со атрактивен цепелин се изборија за прво водство во вториот дел. Металурзите возвратија и последните минути од мечот беа целосно неизвесни.
На 23 секунди до крајот при резултатот 17:17, меч топка имаше Филип Талески кој ја презеде одговорноста и со проектил број 13 го реши мечот.