Не баш сјаен почеток за Металурзите кои по 9 минути играа има негатива од 3 голови разлика (4-1). Скопскиот состав сепак растеретен од било каков резултатски императив се врати во игра, а во 24. минута Елверум водеше 8-6.
Секој добро изграден напад на македонскиот тим беше успешно скротен од голманот на Елверум, Нергард кој изброи Штербикови 12 одбрани во едно полувреме и со тоа дополнително ги демотивираше Кузмановски и другарите. Следуваше пеколна серија на Норвежаните кои со 5-0 на полувремето имаа резултатска убедлива предност 15-7.
Помошникот на Червар, Александар Јовиќ кој до пред извесно време работеше со младинските категории на Металург јуниор денес беше прв тренер од клупата, затоа што Хрватот беше отсутен поради отстранување на камен во бубрегот во Осијек. На крајот од средбата, тимот од Автокоманда успеа да го намали резултатот и прилично достоинствено да се врати од Норвешка.
Австрискиот репрезентативец Јанко Божовиќ беше најефикасен ракометар кај Металург со 5 постигнати голови, а Матиќ и Крстевски погодија по три пати. Линбо го доби признанието најдобар играч на мечот затоа што постигна 8 голови кај Елверум.
Денешниот пораз беше осми за Металург сезонава во ЛШ, со што остана закован на последното место во групата со четири бодови. Елверум исто така се прости од Европа и е пред Металург со седум бодови.