Металург со +6 ќе патува во Данска

Македонскиот вицешампион одигра одличен натпревар во првата осминафинална битка од Лигата на шампионите и со доста солидна предност од 23:17 ќе оди на реванш мечот против Колдинг.

Ракометарите на Металург спектакуларно добро го започнаа мечот и веднаш тргнаа во офанзива остварувајќи голема предност од 4:1. Три од четирите голови беа дело на неприкосновениот Ренато Вугринец кој само во првиот дел постигна 8 погодоци

Македонскиот вицешампион одлично го диктираше темпото на мечот и постепено ја зголемуваше предноста која во 15 минута изнесуваше 8:3. Следуваше период без погодоци на двете страни, но Металурзите повторно тргнаа жестоко и најголемата предност во првиот дел ја направија некаде по 20 минути кога имаа 11:4.

Кризните моменти им започнаа од 24 минута при водство од 12:6 кога Колдинг направи серија од 3:0 и намали на -3, но Вугринец и Георгиевски во финишот од мечот постигнаа многу важни голови за предност на полувремето од 14:9.

Стартот на вториот дел наликуваше на воведните 30 минути, затоа што на паркетот повторно само еден човек го полнеше голот на Данците, Ренато Вугринец. Металург до 40 минута на три пати имаше водство од +7, а до резултат 18:11 сите голови за Металург отидоа на неговото конто во второто полувреме.

Металурзите со одлична и цврста одбрана не им дозволуваа на гостите да се доближат на помалку од пет гола негатива која ја имаа во 50 минута. Составот на Червар се врати на +7 и на 3 минути до крајот успеа да се одбрани дури и со четири ракометари.

Металург на крајот стигна до голем триумф од 23:17, а во последниот напад на нашите ракометари во последните секунди, стана пеколно тензично на паркетот откако по контра нападот Герогиевски беше фаулиран, а судиите се решија за контра фаул.

Феноменална партија имаше Вугринец кој постигна 13 погодоци, а Дарко Станиќ мечот го заврши со 11 одбрани

23 март 2014 - 18:40