Преполната сала Борис „Трајковски“ уште еднаш се покажа дека е тешка тврдина за освојување и за најдобрите светски ракометни екипи. Големата Барселона која е главен претендент за европската круна тоа го почувствува на своја кожа по втор пат оваа сезона, но овој пат си замина поразена.
Иако гостинскиот состав прв го отвори резултатот, Ренато Вугринец со два гола го најави првиот од петте пресврти во првиот дел од средбата, инаку трет за Металург. По воведните 10 минути во кој резултатот беше 5:4 за нашите ракометарите Каталонците направија серија од 4:0.
Металурзите вратија со два погодока, а за кратко време повторно беа во негатива од -3 кога Барселона водеше со 7:10 некаде во 20 минута од мечот. Од тој момент составот на Червар целосно го торпедираше големиот противник со маестрална серија од 8:1 која им донесе водство на полувремето од 15:11.
Вугринец и Миркуловски беа извонредни во нападот и заедно со брзите контра напади на Манасков и Георгиевски беа надмоќни и тотално го надиграа шпанскиот состав. На висина на задача беше и Станиќ, кој доби поддршка и од Никола Митревски кои имаше две интервенции во најважните моменти.
Ракометарите на Металург продолжија со исто темпо и на стартот од вториот дел во кој набрзина стигнаа и до предност од +5 по која гостите вратија со два гола во низа. Но екипата која го диктираше темпото и резултатот беше нашиот вицешампион кој не се даваше.
Никола Митревски на голот беше неприкосновен и во вториот дел кој и не им дозволуваше на шпанските ракометарите да се спуштат под -3. Важен придонес во играта на Металург беа и трите седмерци на Циндриќ кои ја одржуваа одличната предност на Металурзите кои во 45 минута водеа со 23:18.
Металурзите во последните минути од средбата се обидоа со подолги напади да го трошат времето, а Барселона за прв пат во второто полувреме намали на -2. Вугринец ја врати предноста од 3 гола разлика, но Карабатиќ возврати за 29:27.
Финишот од средбата беше тензичен. Откако Георгиевски со гол ја врати комотната предност на Металург од 3 гола разлика, гостите повторно погодија. Но во следниот напад нашите ракометари не успеаа да реализираат, а Барселона преку пеналот на Лазаров стигна до -1 во 59 минута.
Последниот напад во кои нашите ракометари беа во грч успеаа да го реализираат преку Гоце Георгиевски кои ги постави конечните 31:29 за голема победа на Металург која му го нанесе првиот пораз на Барселона.
По последниот свиреж на судијата на паркетот за малку беше избегнат и физички дуел помеѓу ракометарите на двете екипи, откако Вугринец го испровоцира Никола Карабатиќ.
Најзаслужни за историскиот успех на Металурзите беа новајлијата Циндриќ со 7 гола, а Вугринец и Георгиевски постигнаа по 6. Фантастичен на голот беше Митревски со 9, на кој се придодаде Станиќ со 6 одбрани.
Со овој триумф Металург ја потврди третата позиција со 12 бода, еден помалку од ПСЖ и два повеќе од четвртопласираниот Вардар. Барселона е лидер со 17 бода и овие четири екипи беа предвреме познати патници во топ 16 фазата.