Металург испиша нова ракометна историја

Маестралниот Металург донесе нова историја за македонскиот спорт. Јунаците на Лино Червар славеа и во вториот дуел против Динамо Минкс и за прв пат се најдоа во друштво на големата осумка во елитната Лига на шампионите. Металурзите беа подобри од белорускиот преставник со 24:22.

Почетокот на мечот покажа дека Динамо не е дојден во Скопје за да се предаде и во 11 минута имаа предност од 2 гола разлика. Одбраната на Металург не функционираше добро на стартот па дури и во првиот момент кога гостите играа со играч помалку, лесно постигнаа два гола.

Ракометарите на Лино Червар на средината на првото полувреме го искористија второто исклучување на Белорусите и преминаа во водство со 8:7. По нашите промашени шанси за поголемо водство, Минск брзо се врати во игра и на 4 минути до крајот водството изнесуваше повторно 2 гола разлика.

Играта на Металург не функционираше добро како на првиот меч, а гостите благодарение на фантастичниот Дарко Станиќ кој во првиот дел имаше 10 одбрани не успеаа да се одлепат резултатски и на пауза заминаа со предност од 12:11.

Сликата во вториот дел на теренот беше сосема поинаква. Тимот од Автокоманда влезе со многу поголема самодоверба и поцврста одбрана, а токму тоа е клучот за победа на секој меч според Червар. Металурзите ги диктираа настаните на теренот и веќе по 5 минути игра има предност од 2 гола разлика.

Мала но доволна предност која постојано ја контролираа, а во 48 минута ја зголемија на +4. Гостите не се откажуваа и се вратија на -2, но немаа сили за пресврт. На две минути до крајот на мечот, публиката во преполнетата сала „Борис Трајковски“ веќе ја славеа победата, а Минск погоди за -1. Конечниот резултат го постави Козлина за 24:22.

Најдобар поединец на паркетот беше Ренато Вугринец со 7 постигнати гола, а извонредна партија имаше и Дарко Станиќ со 15 одбрани.

По пласманот во осминафиналната фаза минатата година, македонскиот шампион е првиот машки ракометен клуб кој влегол во друшто на најдобрите 8 екипи во Европа. Сега на ред е ждребот кој треба да покаже кој ќе биде следниот противник на нашата ракометна гордост која на најдобар можен начин не претставува во елитната Лига на шампиони.