Ренато Вугринец го отвори резултатот на второто историско дерби помеѓу големите градски ривали кои скопската ракометна претстава сезонава ја префрлија на европска сцена. Но тоа беше единственото водство на Металурзите кои во првото полувреме беа во подредена улога.
На спротивната страна возврати најдобриот поединец од претходниот меч Тимур Дибиров и Вардар направи водство од 3:1. „Црвено црните" беа подобар противник во првите 30 минути, но тоа не беше толку изразено како пред 10 дена. Играа повторно поагресивно во одбрана и постојано одржуваа тесно водство од еден до два гола разлика.
Во 22 минута Лино Червар го свика првиот тајм аут на мечот кога Вардарци стигнаа до +3. Тоа се исплатеше затоа што ракометарите од Автокоманда стигнаа до израмнување. Во финишот на првиот дел домаќините постигнаа уште два гола за 12:10.
Во второто полувреме настаните на теренот сосема се сменија, а Металург тотално ја превзеде играта. По пет минути игра стигна до водство, а во првите 17 минути направи маестрална серија од 9:2 за водство од 19:14. Македонскиот шампион овој пат се соочи со препознатливата одбрана на Червар и до 17 минута постигна само еден гол.
За тоа најзаслужен беше замената на Станиќ, одличниот Раде Мијатовиќ кој блесна со дури 9 одбрани само во вториот дел. Во серијата на Металург конечно првите голови ги постигна и Атман, а во сосема во поинакво светло се покажаа Вугринец и Мојсоски кои беа творци на триумфот.
Мечот во 52 минута беше прекинат поради инциденти кои веќе како да станаа составен дел од градското дерби без разлика на кое натпреварување се игра. Ракометарите на Металург жестоко реагираа кај записничката маса затоа што од трибината летна столица на паркетот која за среќа не заврши кај ниту еден играч.
Во тие моменти на 9 минути до крајот Вардар стигна од -3, но немаше сили да се врати резултатски затоа Металург ја одигра својата претпознатлива одбрана која ја немаше во ниту еден еден дел од првото дерби, а најдобар поединец беше Мијативиќ кој стигна до 11 одбрани.
Најпрецизен во победничкиот состав беше Мојсоски со 8 гола, а Вугринец постигна 7. Кај Вардарци Дибиров даде 5 гола, а Милиќ имаше 9 одбрани.