Дарко Станиќ се сели во Катар. Како што ексклузивно дознаваме, тој во следните три месеци ќе биде позајмен во Ал Џаиш и со овој клуб ќе настапи на Светското клупско првенство.
Ракометниот клуб Металург вчера објави дека постигнале договор со Гепинген и Станиќ потпиша три-годишен договор со македонскиот шампион, но не беа соопштени повеќе детали освен тоа што во Германија ќе се пресели Жарко Марковиќ. Најверојатно дел од отшетата за Станиќ која според тренерот на Гепинген изнесуваше 500.000 евра ќе биде исплатена токму од катарците.
Катарскиот клуб Ал Џаиш е еден од осумте учесници на Светското клупско првенство кое ќе се одржи токму во Доха од 27. август до 1. септември. Богатите катарци нема да ги штедат своите нафтени милиони и како што дознаваме, освен Станиќ тие се во преговори со уште неколку големи ракометни имиња од Европа.
Актуелен освојувач на ова првенство е европскиот шампион Кил, а оваа година таму ќе се натпреварува и Кире Лазаров со Атлетико Мадрид.