Ете тоа е спортот, прикажан во само две фотографии споени во една. На едната страна Мартин Томовски кој како 14 годишник ги бодри ракометарите на Европското првенство во Србија, а 10 години подоцна игра со нив.
Со Кире, Столе и Жути кои тогаш ги гледал од трибини, а сега му се колеги. Какво чувство и сигурно голем стимул за Мартин кој синоќа имаше фантастично деби на големите натпреварувања со 14 интервенции.
24 годишниот голман на Вардар делуваше како цел живот да брани на големата сцена и многу елегантно ги читаше ударите на фаворизираните Словенци. Полн со жар, ама смирен и стабилен.
Во ситуација кога Борко и Диви ги испративме во пензија, дојде време за помладите кои треба да го понесат товарот и да бидат иднината на репрзентација.
Еден од нив сигурно е Томовски кој за среќа сè уште до себе го има Никола Митревски, човек кој со своите 36 години може да му помогне, ама не уште долго.
Одличната партија на Томовски против Словенија е уште еден доказ дека во иднина ќе биде главна кариера меѓу стативите на Македонија.
Детето на Металург две сезони се калеше во бундеслигашот Лудвигсхафен, а во најсилната лига во светот бранеше одлично и држеше просек од 5,2 одбрани по натпревар.
Добрата форма ја одржа и во дресот на Вардар на кој му се приклучи пред неполна година.
Само напред момче. Во исти стил како против Словенија.