Манасков: Македонија не ми делува подготвена, а играта комплетно се сведува на Лазаров

„Оваа игра не ми дава за право да кажам дека сме фаворити против било кој противник. И Шведска е десеткувана и е буквално без првиот состав, а како одиграа“.

Македонската ракометна репрезентација имаше разочарувачки старт на Мундијалот во Египет. Јасно е дека влетаа во 5 до 12, но и тие мора да бидат свесни дека го носат националниот дрес во спорт од кој јавноста најмногу очекува.

Пораз од 12 голови разлика боли и е психолошки удар ако се знае дека четирикратниот светски првак играше со втор состав.

Она што загрижува е што се прикажавме во едно светло без концепт. Со стерилни и предвидливи напади, лесно губење на топката, 10 технички грешки повеќе од противникот и многу тенка одбрана. Плус не ни бевме агресивни, без воопшто да помислите дека може да направиме и фаул.

На истиот паркет, заедно со Лазаров како единствен активен репрезентативец, првото Светско на Македонија го играше и легендата Пепи Манасков кој за 24 ракомет даде свое видување за мечот.

„Натпреварот против Шведска не ми покажа дека Македонија е подготвена за настап на едно големо натпреварување. Се гледа дека поединци се неподготвени за вакво ниво на натпревари, одбраната денеска ни беше ужасно лоша, полу-контра и контра не функционира, немавме ниту еден брз гол. Комплетно играта се сведува на Лазаров, за кој соиграчите како да не се свесни дека е во залезот на кариерата и дека ова најверојатно му е последно големо натпреварување.

Препознатлива негова игра, бараше шанса на пикер со Стоилов. Фокусот беше насочен на нив двајца во првото полувреме и додека тоа поминуваше се држевме во игра. Но истовремено бевме и лимитирани, се држевме по десната страна додека левата беше комплетно пасивна. Кузмановски и Талески не беа на потребното ниво, немавме шутеви од надворешна линија.

И Шведска е десеткувана и е буквално без првиот состав на ова СП, а како одиграа. Четириесет минути беа со втор состав, а во финишот одиграа и со некои играчи кои се во трет план и секој од нив ја заврши својата работа“.

Целата анализа на Пепи ја имате тука.

15 јануари 2021 - 13:22