Првите 15 минути од средбата беа единствените во кои Македонија добро се носеше со идниот полуфиналист на ова првенство. Натпреварот се одвиваше гол за гол и во таа прва половина од првото полувреме нашите ракометари ја одржуваа неизвесноста до резултат 7:7.
Шпанците притиснаа во продолжението од мечот и направија серија од +3. Од тој момент нашите ракометари како да се помирија со тоа што ќе следи и беа немоќни да му се доближат на светскиот шампион. Шпанија со истата предност од 15:12 замина и на паузата.
Работите во вториот дел одеа постојано во корист на фаворитот на овој дуел кој за само нешто повеќе од 4 минути ја зголеми предност на +6. Шпанците во 40 минута имаа и 9 гола предност 23:14, а нашите пререзентативци потоа успеаа да намалат само на 6 гола разлика.
Македонија немаше повеќе мотиви на овој натпревар кој беше само формален за нашите ракометари кои на 5 минути до крајот имаа и двоцифрена негатива. Шпанците кои се пласираа помеѓу најдобрите 4 екипи на ова европско на крајот триумфираа со 33:22.
Најпрецизен во нашиот табор беше Филип Миркуловски со 7 погодоци, а Манасков и Стоилов постигнаа по 4. Олиснителна околност за противникот беше и отсуството на нашиот капитен Лазаров кој не настапи поради повреда.
Македонската ракометна репрезентација заврши на историското 5 место на минатото европско во Србија, а овој пат авантурата во Данска ја завршуваме на 10 позиција со четири порази, едно реми и само една победа.