Македонија поуспешна од Израел пред СП во Катар

Во СЦ Јaне Сaндaнски, на последниот натпревар пред домашната публика пред заминувањето на Мундијалот во Катар, македонската ракометна репрезентација го победи Израел 39:37. Гоце Георгиевски најефикасен со 7 погодоци.

Пред почетокот на мечот Македонија - Израел, двете селекции донираа средства за СОС детското село, што допринесе за уште попријателски призвук на натпреварот.

Петнаесет минути им требаа на македонските ракометари да стигнат до првото водство против мотивираниот Израел. Од самиот почеток гостите имаа гол предност, за да во 15. минута, Владо Недановски ги донесе црвено-жолтите во водство 10:9.

Две минути подоцна, Гоце Георгиевски за прв пат ја доведе Македонија на два гола предност 12:10. Израелците одлично парираа и одново го превзедоа водството, но со седмиот гол вечерва Гоце Георгиевски се погрижи Македонија на полувреме да замине со 20:18. Капитенот Кире Лазаров на полувремето имаше пет голови на своето конто.

 Ренато Вугринец од пенал ја носи Македонија на највисоки три голови предност, 21:18, резултат кој му даде можност на селекторот Ивица Обрван да им даде шанса на сите ракометари кои ги има на располагање. Тоа го искористија Израелците, кои изедначија на 30:30 на 12 минути пред крајот на мечот.

Гоце Ојлески, Златко Мојсоски и најмладиот член во селекцијата, Филип Талески покажаа дека се во добра форма пред СП во Катар и со три голови, повторно ја вратија предноста на фаворитот на овој меч. До финишот на дуелот, по играта гол за гол, Македонија ги сочува двата гола предност и мирно го приведе мечот до крај, 39:38.

Вечерашната средба беше прва од двете против Израел, а утрешната пријателска ќе биде зад затворени врати.