По неколку неискористени шанси на стартот, домаќините први го скршија мразот и поведоа со 1:0, а потоа и со 2:1, но нашите ракометари набрзина ја превземаа контролата на мечот и направија предност од +2 која често стоеше на семафорот.
Македонија за нијанса беше подобар противник кој на почеток имаше течни акции, а во првите 30 минути најмногу се истакнаа Борко Ристовски кој имаше 10 интервенции и Дејан Манасков кој беше доминантен на бековската позиција со 6 голови за 30 минути.
Проблемот за избраниците на Обрван беше одбраната во која имаше многу пукнатини, а Грците тоа одлично го користеа и со многу леснотии ја анулираа негативата од два гола и стигнуваа до реми.
Македонската репрезентација правеше и многу грешки во додавање и никако не успеваше да стигне до +3. Шанса за тоа имаше и во последната минута од првиот дел, но Вугринец кој го постигна првиот гол во првото полувреме во дресот на Македонија, погреши во напад и на пауза заминавме со минимално водство од 12:13.
Вторите 30 минути со прв погодок на мечот ги отвори Гоце Ојлевски и Македонија уште во два наврати имаше +2. Но нашите ракометари играа послабо во второто полувреме, а Грците успеаа да направат прва серија од 3:0 со која стигнаа до пресврт.
Македонија на десетина минути до крајот беше за прв во ситуација да брка и два гола негатива за која се погрижи Гоце Георгиевски кој со два гола во низа израмни на 22:22. Неизвесноста продолжи до крајот на мечот, а со првиот гол на Филип Лазаров на две минути до крајот поведовме со 25:26.
По грешката во напад, домаќините со двајца ракометари тргнаа во контра напад и се обидоа со цепелин да стигнат до израмнување, но најдобриот поединец на мечот Борко Ристовски кој блесна со 17 одбрани не им дозволи атрактивна завршница. Точка на мечот стави нашиот капитен за 25:27.
Најпрецизен во нашиот состав беше Кире Лазаров со 7 погодоци, Манасков постигна 6 сите во првиот дел, а Миркуловски 3.
Реваншот во салата „Борис Трајковски“ е закажан за 15 јуни.