Македонија го заврши Мундијалот со нов храбар настап и достоен пораз од Франција

Македонската ракометна репрезентација загуби, но не разочара на последниот меч од Светското првенство. Главата горе момци. Оценката е повеќе од преодна за севкупниот настап на цел турнир.

Ракометарите на Македонија го завршија Мундијалот со пораз од 32:25 од големиот фаворит, актуелен европски првак и еден од најсериозните кандидати за златен медал.

Тоа значи дека од Вараждин заминуваме со скор од 2 победи, 2 нерешени и 2 порази, како и пласман во топ 16.

Но што е уште поважно, со многу позитивни впечатоци и голем исчекор во играта и пристапот, во однос на претходните неколку големи натпреварувања.

Момците играа со многу жар и голема желба на сите натпревари и покажаа квалитет на кој може да сметаме во иднина.

Нашите ракометари имаа многу светли мигови и на овој меч и на моменти одлично му парираа на силниот противник на кој предноста во конечниот резултат, му беше и највисока и на мечот.

Но сепак момците на Кире Лазаров направија повеќе технички грешки, промашија три пенали во првиот дел и немаа одбрана за немилосрдните Дика Мем и Ремили.

Капитенот Кузмановски беше повторно во елемент со 8 погодоци, а Марко Митев имаше 4/4 и беше прогласен за играч на натпреварот.

Добар меч имаше Никола Митревски со 9 одбрани, а деби настап имаше и третиот голман Иван Галевски. Членот на Алкалоид имаше две одбрани од кои една од пенал.

Кај Французите незадржлив беше Дика Мем со 8 гола, Ремили имаше 6, а Ричардсон 4.

Ова беше 17-то големо натпреварување за ракометниот национален тим или 14-то по ред. Следен предизвик е Европското првенство, кое в година ќе се одржи во Данска и Норвешка.

25 јануари 2025 - 22:12