Филип Лазаров и Нарсис со по два постигнати погодоци го отворија реванш мечот во Тулуз на кој нашите ракометарите беа достоен противник во неколку наврати. Ивица Обрван беше приморан да бара тајм аут откако на средина од првиот дел Французите направија +3.
Кире Лазаров врза два погодока по ред и го намали резултатот, но тоа траеше многу кратко, затоа што домаќините експресно возвратија со четири голови по ред. Македонија имаше лоши 5-6 минути без постигнат гол, а противниците тоа го казнија и стигнаа до двојна предност.
Во последните мигови од средбата два напади по ред реализираа капитенот Лазаров и Стоилов, а Франција на паузата стигна до 17:10.
Нашиот национален тим добро го отвори и вториот дел откако со 2:0 браќата Лазарови испратија знак дека повторно ќе му парираат на најсилниот национален тим во светот. Избраниците на Обрван се разиграа во напад и го направија мечот поинтересен.
Стоилов, а потоа Манасков кој украде топка и реализираше од контра ја топеа предноста. Следуваше и атракција со цепелин во изведба на Манасков и Лазаров кој беше награден со аплауз од домашната публика.
Знакот за тревога кај францускиот селектор кој свика тајм аут го најави Прибак кој со неговиот прв гол на мечот, намали на -3. Натурализираниот Македонец реализираше и во следниот напад со што серијата изнесуваше 8:4.
Тоа беше резултатскиот максимум на Македонија која не успеа долго време да ја одржи достојната негатива. Франција ги поправи грешките, Домулин врза три одбрани и со серија од 7:0 стигна до високи 30:20 во 52 минута по што мечот беше решен. Французите во еден момент имаа и највисоки +12.
Најпрецизен на мечот беше Кире Лазаров со 10 голови, а Манасков постигна 4. Македонија со три бода е на третата позиција, Чешка има пет, а Франција осум. На 10 јуни нашата селекција гостува во Швајцарија, па по четири дена игра дома против Чешка.