Македонија чека ждрепка за Европско 2020 и ја посакува Виена

Откако со 27-23 ја совладаа Грција во Струмица и удрија печат на пласманот на Европско 2020 како првопласирани во групата, најдобрите македонски ракометари сега ќе уживаат во ждрепката на 28 јуни во Виена.

Европското 2020 ќе се игра во три земји, во Шведска, во Австрија и во Норвешка од деветтиот ден во новата 2020-та до 26 јануари.

На континенталниот собир ќе има шест групи со по четири репрезентации и тие ќе се борат во Малме и Гетеборг, во Грац и Виена и во норвешки Трондхајм (таму ќе има две групи од првата фаза).

Како што обично е предвидено, домаќините ќе си играат во своите градови, па така Австрија ќе игра во Виена, Норвежаните на крајниот север во Трондхајм а Швеѓаните во Малме.

Што се однесува до македонските репрезентативци, нам убаво би ни легнала група во Виена или во Грац, со оглед на тоа што овие градови се далеку поблизу од нас отколку Малме и Гетеборг, па стотици навивачи би можеле да тргнат организирано кон Австрија да ги бодрат ракометарите.

Во главната фаза дуелите се превидени за Малме и Виена, а полуфиналето и финалето ќе се одржат во главниот град на Шведска.

На последниот меч од квалификациите Македонија и врати на Грција за сензационалниот пораз на почетокот на циклусот. Славевме 27-23 и го освоивме првото место во групата 3.

Најефикасни на мечот беа капитенот Лазаров со шест гола, Филип Талески и Жарко Пешевски запишаа по пет погодоци, а Никола Митревски на голот имаше 10 одбрани. Кај Грците, Буковинас имаше 14 одбранети удари, а нивен најефикасен играч беше Цирис со шест гола.

Македонија заврши прва во групата со 9 бода, Исланд е втор со 8 и оди на Европско, а Турците имаат четири бода на третата позиција. Грција е последна на табелата.

Нашите најдобри ракометари ќе бидат во вториот шешир по квалитет пред ждрепката што значи дека ќе ги избегнеме во групната фаза Норвешка, Данска, Чешка, Словенија и Русија.

Прв шешир: Шведска, Шпанија, Германија, Хрватска, Унгарија, Францоја

Втор шешир: Норвешка, Данска, Чешка, МАКЕДОНИЈА, Словенија, Русија

Трет шешир: Австрија, Португалија, Исланд, Летонија, Белорусија, Црна Гора

Четврти шешир: Полска, Швајцарија, Србија, Холандија, БиХ, Украина