Во трка за нов предводник на националниот ракометен тим беа петмина: Владимир Глигоров, Александар Брковиќ (Србија), Ѓорди Луелјес (Шпанија), Роберт Хедин (Шведска) и Лино Червар.
Комисијата во состав Милчо Чакарески, Гино Стрезовски и Славе Атанасовски гласаше за тренерот на Металург како најдобра опција и сега Управниот Одбор при РФМ треба само официјално да го именува.
Искусниот стратег кој го води Металург од 2009-та ќе има задача да работи на подмладување на македонската репрезентација од која неколку ветерани веќе го најавија своето повлекување. Првата задача ќе му биде бараж двобојот против Чешка за СП Франција 2017 кој се игра на 11-ти и 15-ти јуни.
Прв асистент на Червар ќе му биде тренерот на Пролет, Илија Темелковски кој со Македонија стигна до 11-то место на Мундијалот во 2009-та.
Успесите на Червар
Со тимот од Автокоманда тој стигна до 4 шампионски титули во домашното првенство и 3 Купа, а успеа и три сезони во низа да го однесе Металург во нокаут фазата од Лигата на шампионите од кои два пати во четвртфинале.
65 годишниот Червар има богато педигре и работи како тренер од 1974 година. Со Динамо Загреб стигна од 7 титули и 5 Купа во Хрватска, а ја водеше и италијанската екипа Папилон Конверсано со која има две шампионски титули и еден Куп.
Македонија ќе му биде трет селекторски предизвик. Почна со Италија во периодот од 1994-та до 2000-та која за прв ја однесе на едно Светско првенство. Учеството на Мундијалот во Јапонија 1997 остана единствено за Аѕурите.
Најзначајните успеси ги постигна со Хрватска која под негово водство стана Светски првак во Португалија 2003, а во Атина 2004 освои олимписко злато. Червар со својата земја има и по две освоени места на Светските (2005 и 2009) и Европските првенства (2008 и 2010).